Пет проблеми со здравјето што се јавуваат во лето (и како да ги избегнете)
Промените и проблемите со дигестијата, заедно со сувата кожа, можат да бидат причинети од високите летни температури.

Високите температури имаат влијание врз нашиот организам многу повеќе отколку што мислиме
Сите знаеме дека долгата изложеност на сонце може да предизвика главоболка, вртоглавица, дехидратација… Но, се јавуваат и други, посуптилни промени и проблеми.
Кои здравствени проблеми можете да ги очекувате во лето, кога е жешко?
Промени со дигестијата
Кога температурите се повисоки, можно е да забележите промени, но и проблеми со дигестивниот систем.
Жешкото време може да го зголеми лачењето на хормонот кортизол, што, пак, има директно влијание врз дигестивниот систем.
Па, не е невообичаено во лето, особено среде топлотен бран, да забележите подуеност, почеста потреба за одење во тоалет и проблеми како дијареја.
За да го намалите ризикот од дигестивни проблеми во лето, пијте многу вода, јадете повеќе овошје и зеленчук и избегнувајте многу мрсна храна.
Намалено ниво на електролити
Во лето се потиме многу повеќе, а покрај течност, преку потта се губат и електролити. Електролитите се минерали кои се наоѓаат во телото и крвта кои се важни за разни функции во телото.
Нивото на електролити може да се намали ако не внесувате доволно одредени минерали, но и ако се испотите многу.
Симптомите на ниско ниво на електролити вклучуваат вртоглавица, замор, раздразливост, грчење во мускулите… Па, ако ги забележувате овие симптоми, а сте поминале многу време на отворено и сте се испотиле, важно е да земате електролити.
Се продаваат во аптека, а можете и да внесувате повеќе храна богата со натриум калиум, калциум и магнезиум.
Проблеми со кожата
Ако имате проблематична кожа, сигурно веќе ви е јасно дека во лето, акните можат да бидат многу почести.
Но, состојбата на кожата може да се влоши дури и ако генерално немате проблеми.
Честото потење, заедно со мастите што ги лачи кожата, поверојатно е да ги затнат порите, па затоа и забележувате зачестена појава на акни и мозолчиња.
Важно е да не претерувате со миење на кожата во лето бидејќи може дополнително да ја иритирате. Кога можете избегнувајте пудра и шминка и во лето користете кремови со полесна текстура.
Сува кожа
Од друга страна, кај некои луѓе многу топлото време може да ја исуши кожата.
Поради честата изложеност на сонце, но и поради клима уредите кои го сушат воздухот, кожата може да стане многу посува.
Во овој случај важно е да нанесувате крем со висок заштитен фактор, да избегнувате туширање со жешка вода и редовно да ја хидрирате кожата.
Исип и слични кожни проблеми
Кај некои луѓе, топлото време може да предизвика исип, црвенило и испакнатини на кожата. Ако ова е појава што ја забележувате само во лето, тогаш не треба да ве загрижува.
Можете да го намалите ризикот од исип ако носите поширока облека, избегнувате вежбање кога е најжешко и ја разладувате кожата со студен туш или вентилатор.
Доколку исипот многу ве чеша, тогаш консултирајте се со лекар.
Спирова С. | Црнобело
