Суптилни симптоми на рак на јајници (кој се лекува многу полесно ако е рано детектиран)
Крвавењето меѓу менструации и по менопауза обично е знак за некаков проблем, а некогаш е и симптом за рак на јајници.

Ракот на јајници е меѓу 10-те најчести видови на рак со кои се соочуваат жените.
Експертите забележале дека бројот на нови случаи се зголемува секоја година, но истовремено се зголемува и бројот на жени кои успешно се излекувале.
Како и кај повеќето видови рак, и во овој случај раната детекција е клучна.
Кога ракот е дијагностициран во првиот стадиум, шансите за успешно лекување се и над 90%.
Што значи, важно е секоја жена да биде свесна за симптомите и ако има и најмал сомнеж дека нешто не е во ред, да оди на лекар.
Проблемот е што симптомите во раниот стадиум не се нешто драматично или екстремно, па затоа е важно да го слушате вашето тело и да бидете свесни за секоја промена.
Пет суптилни симптоми кои може да бидат знак за рак на јајници:
Подуеност
Кај жените подуеноста е симптом кој се јавува за време на ПМС, менструација, како и менопауза и затоа често го игнорираат.
Но, ако забележувате дека стомакот ви е многу подуен и состојбата не се подобрува по неколку денови, консултирајте се со лекар.
Честа потреба за уринирање
Промените во потребата за одење во тоалет се нешто што не би требало да го игнорирате бидејќи можат да бидат показател за вашето здравје.
Ако забележувате дека одите многу почесто во тоалет, а не пиете повеќе вода од вообичаено, консултирајте се со лекар.
Овој симптом се јавува бидејќи туморите во јајниците може да создадат притисок на мочниот меур.
Намален апетит
Ако одеднаш почнувате да се чувствувате заситено со многу мали оброци, а нема некоја причина за тоа, како нови лекарства, немојте да игнорирате.
Ако туморите на јајникот се поголеми, тие може да создадат и притисок на желудникот, па со тоа да го намалат апетитот.
Неретко овој симптом е придружен и со гадење или проблеми со варењето.
Крвавење
Крвавењето кога немате менструација е појава што никогаш не треба да се игнорира.
Истото важи и ако одеднаш почнете да имате пообилни менструации или ако крвавите по менопауза.
Овие симптоми не мора да се сигурен знак за рак на јајници, но обично укажуваат на некаков проблем, па одете на гинеколог.
Болка и неудобност на долниот дел од стомакот
За повеќето жени, повремената болка во долниот дел од стомакот е нормална и може да биде предизвикана од ПМС, менструација, овулација…
Сепак, болката чиј интензитет не се намалува не е нормална појава.
Оваа болка може да биде тапа, остра или да ја чувствувате како притисок на стомакот, но и грбот.
Спирова С. | Црнобело
