Будење во текот на ноќта и уште 4 навики во спиењето кои се скриен знак за АДХД
Кога сме под стрес, нормално е да ни биде тешко да го „исклучиме“ мозокот и да не можеме да заспиеме поради нашите мисли. Но, ако ова се случува секоја вечер, тогаш може да биде знак за АДХД.

Синдромот на невнимание и хиперактивност, или само АДХД (од англиски attention deficit hyperactivity disorder), е нарушување карактеризирано со симптоми како невнимание, хиперактивност, импулсивност и проблеми со регулирањето на емоциите.
Бидејќи станува збор за нарушување на кое почна да му се обрнува внимание дури во поново време, факт е дека многу луѓе, особено повозрасни, никогаш не добиле соодветна дијагноза.
Па, симптомите кои се резултат на нарушувањето ги гледаат како нивни негативни карактеристики што им го отежнуваат секојдневието.
Не можете сами да си поставите дијагноза за АДХД, но ако се сомневате дека го имате нарушувањето, треба да се консултирате со експерти бидејќи денес постојат терапии што ќе ви помогнат да ги регулирате симптомите.
Истото важи и ако сметате дека вашето дете можеби има АДХД. Секако, од корист е да бидете и свесни за симптомите.
Покрај оние очигледните, како хиперактивност и проблеми со вниманието, постојат и некои посуптилни знаци дека можеби имате АДХД, како, на пример, поврзани со спиењето.
Навики во спиењето кои можат да бидат скриен знак за АДХД:
Спиење и будење во нетипично време
Точно е дека некои луѓе се „ноќни птици“ и се чувствуваат посвежо навечер. Но, забележано е дека оваа појава е многу почеста кај лица со АДХД.
Кај нив, лачењето на мелатонинот е одложено, па затоа и не им се спие навечер. А, кога ќе си легнат подоцна, нормално е и да спијат до подоцна.
Сепак, ова може да претставува проблем кога постојат обврски, како работа и училиште, па се јавува недостаток на сон.
Проблеми во контролирање на мислите навечер
На сите им се случува навечер да не можат да го „исклучат“ мозокот и нивните мисли да ги држат будни. Но, ова главно е во ситуации кога сме соочени со проблем, сме изложени на стрес и слично.
Ако секоја вечер го имате овој проблем и ви треба многу долго време да заспиете поради многуте мисли, добро би било да се консултирате со лекар.

Тешко будење
Луѓето со АДХД често се оценувани ако мрзеливи или неодговорни бидејќи неретко им е тешко да се разбудат наутро, дури и откако спиеле доволно.
Но, самото нарушување има влијание врз циркадијалниот ритам и со тоа значително го отежнува будењето наутро.
Бидејќи нивото на допамин е пониско отколку што треба, дури и откако ќе успеат да се разбудат, лицата со АДХД може да се чувствуваат летаргично, поспано и без мотивација, без разлика колку спиеле.
Доколку ова ви се случува многу често, тогаш консултирајте се со лекар.

Одложување на времето со спиење
Луѓето со АДХД имаат таканаречен хиперфокус, состојба на интензивна концентрација на она што прават до тој степен, што можат да се „исклучат“ од своето опкружување.
Поради ова, дури и кога знаат дека е време за спиење, не можат да се оттргнат од она што го прават, без разлика дали е работа, читање, гледање филм или нешто друго.
Повремено на секој му се случува ова, но ако го забележувате многу често, можно е да е во прашање АДХД.
Често будење во текот на ноќта
Будењето неколкупати во текот на ноќта е честа појава кај лицата со АДХД, неретко поради поголема чувствителност на надворешни стимули, како врева или светлина.
Откако ќе се разбудат, пак, може да им биде особено тешко повторно да заспијат.
Како и за сите останати симптоми – повремено ова им се случува на сите, но ако е повторливо, вреди да се направи консултација со лекар.

Спирова С. | Црнобело
