Цртање

Term Main definition
Цртање

Ако цртате нешто на сон тоа значи дека има надеж, сите бродови не ви потонале.

Што значи да сонувате дека цртате?

Ако сонувате дека цртате

Ако сонувате дека цртате нешто, тоа симболизира надеж. Веројатно сте се откажале од нешто што сте го сакале бидејќи сте сметале дека нема никакви шанси да ви се оствари тоа.

Овој сон е показател да продолжите да се борите бидејќи вашиот труд нема да биде залуден. Ова особено се однесува ако размислувате да напуштите училиште или факултет.

Ако некој друг црта на сон

Кога сонувате дека некој друг црта, тоа укажува дека сте загрижени. Постојано се плашите дека ќе се случи нешто лошо и дека нештата ќе почнат да се одвиваат спротивно од вашите очекувања. Би сакале да можете да се опуштите како луѓето од вашето опкружување, но тоа никако не ви оди од рака.

Ако престанете да цртате на сон

Ако сонувате дека сте цртале нешто, па сте престанале тоа означува дека ви е потребна промена. Ништо од она што го работите не ве усреќува и не ја буди страста во вас за усовршување. Секојдневните обврски ви станале еднолични и едвај чекате да ги завршите. Размислувате во слободно време да се занимавате со нешто што порано ве интересирало и што би ви дало сила да се изборите со монотоната рутина.

Сон во кој гледате дека некој друг престанал да црта значи дека имате непријател. Можеби колега на работа се обидува да ве саботира за да го презеде вашето место или брзо да напредува во кариера. За среќа нема да му го дозволите тоа.

Ако сонувате дека се учите да цртате

Доколку на сон се учите да цртате тоа имплицира дека ви е потребна промена. Рутината ве убива и ви се чини дека секојдневието ви е сведено на неколку обврски во кои не уживате. Би сакале да отпатувате некаде за да се ресетирате, но финансиите и бројните обврски не ви го дозволуваат тоа. Обидете се да пронајдете некој „издувен вентил“. Посветете се на хоби или воведите зголемени физички активности во текот на денот.

Ако некого учите да црта тоа значи дека е време да се откажете од нешто што не ви носи ниту материјална, ниту морална сатисфакција. Губите време и нерви на нешто што нема да се промени или луѓе кои не сакаат да се променат.

Сон во кој некој ве учи да цртате укажува на тоа дека во блиска иднина би можеле да дојдете на идеја поради која ќе заработите многу пари. Веќе долго време размислувате што да направите, а притоа да не вложите многу труд за да го постигнете она што го сакате и сега конечно сте успеале во тоа.

Ако сонувате како цртаат деца

Овој сон може да има повеќе значења во зависност од тоа во кој период од животот се наоѓате. Ако помлад ма/жена сонува деца кои цртаат тоа укажува на потреба за создавање потомство. Веројатно се наоѓате во фаза кога ви се создаваат родителски инстинкти.

Доколку сте ја надминале оваа фаза, сонот може да имплицира жал за пропуштена прилика од младоста. Можеби поради страв од неуспех сте одбиле некоја работа која би ви го променила животот од корен, па сега се каете поради тоа.

Ако сонувате дека цртате портрет

Ако на сон цртате автопортрет тоа значи дека добро се чувствувате во своја кожа. Конечно во целост сте задоволни од физичкиот изглед, деловната или емотивната ситуација. Зрачите со позитивна енергија која плени внимание каде и да се појавите. Ако моментално немате партнер, во текот на овој период нештата ќе се променат.

Кога на сон цртате портрет на некоја непозната личност тоа имплицира дека ќе се најдете во друштво на интересни луѓе кои ќе ве воодушеват со своите ставови и погледи на животот. Ќе сфатите дека предолго време нештата сте ги гледале од погрешна перспектива, па ќе се одлучите да промените некои навики за да си го направите животот поквалитетен.

Доколку, пак, цртате портрет на личност која ја познавате потсвеста ве предупредува дека е време да му/ ѝ кажете како се чувствувате. Можеби се обидувате да скриете симпатии кон колега или пријател кого долго време го познавате. Од друга страна, можеби криете од некого дека не се согласувате со повеќето негови ставови и дека не ви е удобно во негово/нејзино друштво.

Ако сонувате дека некој го црта вашиот портрет

Ако сонувате дека непозната личност го црта вашиот портрет тоа укажува дека премногу се грижите за она што другите луѓе го мислат за вас. Секоја своја одлука дополнително ја преиспитувате, не поради себе, туку поради страв од коментари на околината. Можеби не сте свесни колкаво бреме носите и дека на тој начин си го губите идентитетот.

Не можете да им одговарате на сите луѓе и не мора баш сите да ве сакаат, затоа опуштете се и живејте онака како што ви одговара.

Сон во кој некој друг го црта вашиот портрет значи дека некоја личност ќе ви соопшти убава вест. Можеби ќе ви каже дека ќе се жени/мажи, дека чека принова или добил/ла добра работа. Во секој случај, информацијата што ќе ја добиете ќе ве израдува.

Толкувањето на соништата зависи и од тоа со што сте цртале. Горенаведеното се однесува на техниката за  цртање со графички молив

Доколку сте цртале со јаглен или сте гледале некој да црта со јаглен, тоа значи дека би требале попозитивно да гледате на животот. Потрудете се повеќе да уживате, а помалку да се грижите. 

Доколку на сон цртате со туш тоа симболизира несигурност во сопствените знаења и вештини. Се плашите дека не сте доволно компетентни за работата со која се занимавате и дека некој во иднина би можел да ви го земе местото. Запрашајте се дали некој би ве плаќал ако мисли дека не го заслужувате тоа. Поработите на самодовербата бидејќи самите би можеле да си наштетите со таквиот начин на размислување.

Ако, пак, сонувате дека цртате со креда, тоа значи дека неискуството ќе ви создаде проблеми. Не плашете се да побарате совет доколку не умеете да направите нешто. Добро е да учите од сопствените грешки, но ако можете да ги спречите зошто би ги правеле.

Ако цртате со дрвени боички значи дека се уште сте дете во душа, што е навистина добра особина. Сепак, немојте да претерувате кога сте на работно место бидејќи работодавците повеќе ценат сериозност и иницијатива, од вашата дарба да ги забавувате луѓето околу вас.

Значењето може да биде поедноставно. Ако се занимавате со професија која бара цртање, тоа сигурно ви оставило впечаток. Друга можност е дека сте набљудувале други како цртаат, па тоа се одразило на вашата потсвест.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg